Секое лице кое е член на доброволен пензиски фонд и кое уплатило сопствени средства во доброволниот пензиски фонд, кои се претходно оданочени со персонален данок на доход, има право на поврат на платениот персонален данок на доход пресметан на износот на уплатениот придонес во доброволниот пензиски фонд. Правото на поврат на персоналниот данок на доход се однесува и во случаите кога друго физичко лице во име на членот на доброволен пензиски фонд уплатило средства на неговата индивидуална сметка, а истите претходно се оданочени со персонален данок на доход.
Износот на кој се пресметува повратот за 2011 година не може да биде поголем од четири просечни бруто плати во Република Македонија, објавени за претходната година.
Правото на поврат на персонален данок на доход, може да се оствари со поднесување на „Барање за поврат на персонален данок на доход на индивидуална сметка“ (образец БПП-ИС/ДПФ) кое се поднесува до Управата за јавни приходи. Во прилог на барањето, задолжително треба да се достави и доказ за платениот персонален данок на доход во Македонија, за износот кој се побарува за поврат. Барањата се поднесуваат во тековната, за претходната година. Доколку членот сака да бара поврат на персонален данок на доход и за претходните години (2009 и 2010), треба да поднесе барање со соодветни докази за секоја година одделно.
Повратот на персоналниот данок на доход се врши на годишно ниво директно на доброволната индивидуална сметка на членот на доброволниот пензиски фонд.





