По повод текстот под наслов „Словенците лути на Груевски” поднаслов „МАПАС не го крати својот дел” објавен во неделниот весник Глобус на 3.7.2007 г.
Согласно член 56 став (3) од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС наплатува надоместоци од друштвата кои се единствен приход за финансирање на нејзиното работење. Надоместоците кои ги наплатува МАПАС се регулирани во две одлуки кои ги носи Управниот одбор на МАПАС, на што согласност дава Владата на Република Македонија и истите се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”.
Во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е утврден највисокиот износ на овој надомест во висина од 2,5% од придонесите. Во Одлуката бр. 02-315/1 од 18.11.2004 година, на која согласност даде Владата на РМ (објавена во „Службен весник на РМ„ бр. 84/2004 г.) објавени се проекциите на надоместот од придонеси кој го наплaтува МАПАС за периодот 2006 - 2015 година. Врз основа на реалната состојба на зголемен број на членови и придонеси во вториот столб во 2006 година и утврдениот буџет на МАПАС за 2007 година се создаде можност за намалување на висината на месечниот надоместок од проектираниот 1.74% на 1.50% кој се наплаќа во 2007 година, односно намалување за 0.24 процентни поени. Ова е утврдено во Одлуката бр 02-1594/3 од 21.12.2006 г. на која согласност даде Владата на РМ (објавена во „Службен весник на РМ„ бр. 137/2006 г.)
Дополнително на ова, поради остаток на приходи остварени во 2006 година, Министерството за труд и социјална политика и МАПАС направија повторна преоценка на проектираните надоместоци за периодот 2008-2010 година и Управниот одбор на МАПАС во април 2007 г. констатираше дека има простор за нивно понатамошно намалување, односно нивно сведување на 1.5% за сите години (Табела). За истото беше известена Владата на РМ, а потоа и друштвата.
Табела
Дополнително на овој надоместок МАПАС наплатува и други надоместоци согласно законот и одлуката донесена во јуни 2006 г. („Службен весник на РМ бр.78/2006„). Со истата цел, рационализација на трошоците на вториот столб, МАПАС во мај 2007 година направи преоценка и на овие надоместоци, и намали голем број од нив. Согласност на оваа одлука даде Владата на РМ („Службен весник на РМ бр. 65/2007 г.).
Горенаведеното јасно укажува дека МАПАС во повеќе наврати „го скрати својот дел„ од надоместоците.
Во однос на другите институции во системот, од 4 јуни 2007 г, влезе во сила и одлуката за намалување на надоместокот кој го наплатува Фондот на ПИОМ за услугите кои ги врши, кој во моементов изнесува 0.5% од уплатените придонеси. Со одлуката за промена на единствената тарифа по која се наплатуваат надоместоците за услугите кои ги врши НБРМ и измената на договорот за чување на имот, се намалува и надоместокот кој го наплатува НБРМ за вршење на чуварската улога на 0.4% од уплатените придонеси.
Од претходно наведеното, може да се каже дека вкупно земено, државните институции ги намалуваат надоместоците кои ги наплатуваат од друштвата во однос на предвидените за 2007 г. за 0.64 процентни поени.
Земајќи го предвид фактот дека двете друштва донесоа одлуки за намалување на надоместокот од придонеси за 0.6% (од 8.5% на 7.9%), јасно е дека намалувањето на овој надоместок исклучиво се должи на намалувањето на надоместоците кои ги наплатуваат другите институции, додека пак, друштвата воопшто не намалуваат од својот дел од надоместокот.
Целта на овој демант е фер и објективно информирање на сегашните и идни членови на пензиски фондови.
Агенција за супервизија
на капитално финансирано
пензиско осигурување - МАПАС





