Само пензиските друштва лиценцирани од МАПАС можат да рекламираат и нудат пензиско осигурување
Никој освен пензиско друштво основано согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или согласно со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување не може да врши работи на маркетинг или да нуди задолжителен или доброволен пензиски фонд, пензиска шема или сличен пензиски аранжман.
Капитално финансираното пензиско осигурување е релативно нов елемент во реформираниот пензиски систем и мора да биде заштитен од сите видови на злоупотреба. Називите на институциите кои учествуваат во него и пензиското осигурување кое го нудат се заштитени со закон и не може да се нудат или рекламираат од страна на други субјекти.
Поради појава на други субјекти во Република Македонија (друштва за управување со инвестициски фондови, друштва за осигурување и сл.) кои во своите маркетинг активности и реклами наведуваат дека нудат производи во вид на пензиско осигурување, а во интерес на точно известување на јавноста и заштита на интересите на сегашните и потенцијалните членови на задолжителните и доброволните пензиски фондови, Ве известуваме дека постојат само две пензиски друштва кои имаат дозвола од МАПАС и одобрение за управување со по еден задолжителен и по еден доброволен пензиски фонд и тоа се следниве:
- Акционерско друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови “НЛБ НОВ ПЕНЗИСКИ ФОНД” Скопје
кое управува со
-
- Отворен задолжителен пензиски фонд “НЛБ ПЕНЗИСКИ ФОНД” – Скопје, и
- Отворен доброволен пензиски фонд “НЛБ Пензија плус” – Скопје
и
- КБ Прво друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови АД Скопје
кое управува со
-
- КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје, и
- КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје.
Секое лице кое се вработува по прв пат по 1 јануари 2003 година е задолжителен член на задолжителен пензиски фонд и има рок од 3 месеци да направи сопствен избор на задолжителен пензиски фонд од горенаведените два фонда во кој ќе членува, преку склучување договор за членство. Доколку не направи избор, останува член на задолжителниот пензиски фонд во кој е распределен по метод на случаен избор. Членството во доброволните пензиски фондови е на доброволна основа и може да го оствари секое лице на возраст од 15 до 70 години преку индивидуално членство или преку учество во професионална пензиска шема организирана и финансирана од неговиот работодавач.
Единствено за членовите на овие четири фонда се применуваат законските одредби кои овозможуваат заштита на нивните интереси, преку правила за сигурност и гаранција на средствата, правила за инвестирање на нивните средства, правила за проценка и чување на овие средства, правила за исплата на овие средства, итн. МАПАС врши супервизија на работењето на горенаведените две пензиски друштва, два задолжителни и два доброволни пензиски фонда.
Подетални информации може да добиете на www.mapas.gov.mk или на телефон 3224 229.





